• Доделена Наградата за социјално претприемништво 2015

    Идејата насловена како „Добра земја“ од областа на здраво и органско производство на храна е добитник на парична награда од 3.000 евра, второнаграден е тимот на „Coolinari 2.0” кој својата идеја за социјален бизнис ја развива во областа на гастрономијата, додека третата награда ја освои тимот на „Концентрациска соларна електрана“ за енергетска одржливост. Сите три парични награди во вкупна вредност од 6.000 евра се обезбедени од Шпаркасе Банка Македонија. Специјалната награда од публиката беше доделена на идејата „Мој воздух“, мобилна и веб апликација која ги информира корисниците колку е загаден воздухот во нивната средина.  „Мој воздух“ освои најмногу гласови од посетителите на веб страницата на Наградата за социјално претприемништво (http://socialimpactaward.mk/). Наградата беше доделена на посебен настан којшто се оддржа на 28 мај, 2015 во МКЦ Клуб Ресторанот.

    “Пресреќни сме! Органска благодарност до сите вклучени во проектот. Оваа награда ни е доказ дека вредноста за која се залагаме е препознаена наспроти сите предизвици и отпори со кои се соочуваме во комерцијалното секојдневие,” – изјави Билјана Филиповска од тимот на „Добра земја“. Бојан Георгиевски од истиот тим додава: „Оваа награда не ни припаѓа нам, туку припаѓа на сите во општеството.“

    „Веруваме дека ова е почеток на една поголема приказна, и ги покануваме сите кои го поддржуваат социјалното-претприемништво и нашата идеја,  да ја следат нашата работа и да ни пристапат во градењето партнерства и соработки. Во рамки на COOLINARI 2.0 ние се водиме од премисата дека со вистинските состојки како: млади готвачи, гастрономија и изградени партнерства, може да стигнеме до совршениот рецепт за среќни и вработени млади,“ – изјави Ирина Јаневска од  второнаградениот тим Кулинари 2.0.

    „Многу ми е мило што жирито на Наградата за Социјално Претприемништво ја препозна идејата како најиновативна и одлучи да ни го додели третото место. Оваа награда многу ни значи, не’ мотивира и ја потврдува уникатноста и иновативноста на проектот. На идејата работевме долг период и сигурен сум дека сега сме многу поблиску до остварување,“ – изјави Александар Димески од третонаградениот тим.

    „Ми претставува особена чест и задоволство што Шпаркасе Банка во соработка со фондацијата ЕРСТЕ е дел од еден ваков проект во кој им се дава шанса на младите луѓе од Македонија да ја покажат својата инвентивност, да го развијат својот претприемачки дух и да ги отворат своите размислувања во насока на создавање на нови социјални бизниси. Од самиот почеток Шпаркасе Банка го препозна потенцијалот на овој проект, кој ги вреднува напредната едукација и инвентивноста на младата популација, и кој без двоумење одлучи да го поддржи. Преку овој натпревар успеавме да ги поттикнеме студентите и младите во Македонија да се фокусираат на создавање на нешто сосема поинакво, каде со нивните идеи земаат учество во креирање на нови решенија од областа на социјалното претприемништво. Особено ми е драго што од оваа година Македонија станува дел од  овој проект преку кој им дава единствена можност на младите да ја искажат својата инвентвност во оваа област, а воедно и да го разбудат својот претприемачки дух кој можеби ќе биде нивниот главен фактор во градењето на својата кариера.“- изјави, Викторија Јовановска, Директор на Сектор Управување со физички лица на Шпаркасе Банка

    Покрај наградите, најдобрите тимови ќе добијат и бесплатно патување во Виена, како и три месеци период на инкубација со менторство и поддршка во развивање на идејата. Тимот добитник на специјалната награда од публиката, ќе добие тримесечно менторство и период на инкубација.

    Конкурсот за Наградата во Македонија беше отворен во периодот февруари-април 2015 година, а можноста да пријават своја идеја ја искористија 30 тимови. Дванаесетте најдобри идеји според професионалното жири влегоа во полуфинале, а од нив беа одбрани трите победници.И посетителите на веб-страницата на Наградата гласаа за својата омилена идеја.

    Наградата за социјално претприемништво веќе се организира во 10 Европски земји со поддршка на Фондацијата ЕРСТЕ и Impact Hub Vienna. Во Македонија истата ќе се организира за прв пат и е во организација на Младиинфо Интернационал а поддржана одШпаркасе Банка Македонија и во партнерство со Њу Менс Бизнис Акцелераторот со седиште во Скопје. Таа претставува едукативна програма и натпревар за претприемачки идеи меѓу студентите и младите во Македонија кои имаат потенцијал да бидат развиени и имплементирани како иновативно решение во областа на социјалното претприемништво.