• Од идеа до реализација – 10 нови потенцијални социјални бизниси влегуваат во фазата на инкубација

    Десетте млади социјални претприемачи, кои се избрани како финалисти во натпреварот Social Impact Award, имаа можност да учествуваат на предакселераторски тренинг,поддржан од  Македонски Телеком како општествено одговорна и иновативна  компанија.  Учесниците на тренингот, кој се оддржа во Телеком Иновативниот центар од 05 до 10 јуни 2017 година, се здобијаа со продлабочени знаења како и проценка на фазата на развој на нивните бизнис идеи.

    Финалистите имаа можност да слушнат презентации на дел од учесниците во Social Impact Award 2015 И 2016 година и да разменат искуства. Притоа, на секој од десетте избрани тимови им беше доделен по еден индивидуален ментор, кој ќе им помогне понатаму да се натпреваруваат за трите финансиски награди обезбедени од Шпаркасе Банка Македонија и едната нефинансиска награда од Конто Профит.

    Иако наградите се стимул за младите луѓе, вредноста на оваа програма е многу поголема од тоа. Учествувајќи во Social Impact Award, младите добиваат едукација, пристап до останати интернационални програми, вмрежување со заедницата, како и можност за отпочнување на сопствена кариера и решавање на локални и глобални општествени предизвици.

    Наградата за социјално претприемништво – Social Impact Award, која по третпат се организира во Македонија, е веќе присутна во 18 земји од светот, а истата е поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Импакт Хаб Виена.

    Локално, Наградата за социјално претприемништво – Social Impact Award ја спроведува Асоцијацијата за едукација Младиинфо Интернационал, оддел Social Impact Lab, во партнерство со Шпаркасе банка Македонија, Пакомак, Конто Профит, Македонски Телеком и Фондот за иновации и технолошки развој, како институционален покровител. Областите околу кои гравитираат социјалните бизниси на оваа група на млади амбициозни луѓе  се: справување со вишоците на храна, остатокот на масло од домаќинствата, остатокот од текстил, старите неискористени електрични апарати, како и грижа за животните, лицата со попреченост, домашните ракотворци, менталното здравје на младите и луѓето воопшто, обновливите извори на енергија и социјално загрозените семејства. Победниците ќе бидат прогласени на 2 октомври 2017 година во рамки на настанот Social Innovators Conference.