• 150 млади луѓе од 18 различни држави и една прекрасна локација – Белград!

    Дали имаш тим спремен за предизвици?

    Можеби отсекогаш си имал желба да бидеш дел од интернационална дружба со млади од целиот свет?

    Или пак, едноставно, сакаш да патуваш и да ги споделуваш своите идеи?

    Ако одговорот е да, во тој случај ова е идеална прилика да погледнеш како си поминавме на СИА интернационалниот самит во динамичниот Белград, Србија, заедно со 150 млади луѓе – социјални иноватори од 18 земји!

    Победниците на минатогодишната награда за социјално претприемништво (SIA) имаа можност да отпатуваат во Белград и да бидат дел од големата дружба на глобалното СИА семејство, каде се забавувааа и решаваа општествени проблеми, преку едукација и споделување практични искуства со уште 150 млади луѓе од цела Европа.

    Работилниците и дружбата од овој тип не само што помогнаа во оформување пријателства и познанства, туку и го зголемија интересот за заеднички акции, за подобро запознавање со останатите млади претприемачи, излегување од зоната на комфорт, одбегнување на предрасудите и соочувањето со нови предизвици. Ова искуство претставуваше водилка за идните иноватори и претприемачи, кои нема да пренесат само идеи и мисли, туку истовремено и ќе бидат подготвени за преземање иницијативи.

    Сонувавме, се дружевме, иновиравме и се едуциравме!

    Токму тоа е и идејата на Наградата за социјално претприемништво – Social Impact Award 2018, еден од најголемите студентски натпревари спроведуван во 20-тина земји од Европа и светот каде што младите предлагаат решенија за општествени проблеми.

    По четврти пат, ова натреварување се случува во Македонија, а за неговата реализација се задолжени Social Impact Lab со Асоцијацијата за едукација Младиинфо Интернационал, во партнерство со Шпаркасе банка Македонија, Пакомак и Конто Профит.

    Наградата им нуди можност на младите во Македонија на возраст од 14 до 30 години да аплицираат со свои идеи за социјален бизнис и да освојат парични средства, инкубација, менторство, вмрежување и учество на овогодинешниот меѓународен самит во Грузија.

    Преку Наградата за социјално претприемништво досега се поддржани 32 бизнис идеи од земјава.