• Гласање на публиката

    Наградата за социјално претприемништво е на самиот крај. Во моментов публиката има можност да гласа за своите фаворити на следниов линк. Гласањето трае до 28-ми септември 2016.

    На линкот се достапни видеата на единаесетте тимови кои беа прогласени за финалисти, а во текот на летото добија тренинг за акцелерација на идеите, како и индивидуална менторска поддршка.  Сите кои ќе пристапат на оваа веб страница можат да ги погледнат видеата и да одберат три од единаесетте идеи: Зелени покриви, Музикотерапија, Paper Embroidery, Кинисај, The Bestie, Able, Сламахер, One Can Make It Work, Фрешис, Слушни слика и Чиста филантропија. Победникот на ова гласање ќе добие дополнителна консултантска поддршка од нашиот партнер компанијата Конто – Профит. Покрај наградата од публиката доделена преку ова гласање, стручното жири составено од 12 члена на 29.09.2016 година ќе ги прогласи трите тимови кои ќе добијат парична поддршка од Шпаркасе Банка.

    Следете не и преку: #StudentsInMK #SIA2016 #SIAfinalist

    Со почит,

    Тимот на Наградата за социјално претприемништво

  • Запознајте ги финалистите- дел 4

    10. Кинисаj

    Сакате да патувате, а да стигнете побрзо и тоа да ве чини најмалку два пати поевтино?
    Сакате да ги избегнете турканиците во редовните автобуски линии и да уживате во удобноста на автомобил? Тогаш Кинсај е одлично решение за вас! Кинисај е онлјан сервис кој ви овозможува брзо изнаоѓање на превоз на принципот ride-share при тоа овозможувајќи им и на возачите и на патниците значително да ги намалат патните трошоци и да стекнат многу пријателства и за нив патувањето да стане забавна егзибиција, а не напорна и досадна активност. Кинисај се грижи и за животната околина! Инцирајќи ја идејата за споделување на патување како и тоа да се превезуваме со помалку автомобили, Кинисај значително придонесува за намалувањето на емисијата на штетни гасови во воздухот како и намалување на потошувачката на гориво како значителен ресурс на денешницата. Затоа не чекај. Откачи се од Фејсбук и социјализирај се во кола!

    11. И ние сакаме музика! 

    „И ние сакаме музика! – Музикотерапија за деца од аутистичниот спектар на нарушувања” е проект на Нела Николоска и Нина Исирова, апсолвенти по психологија, кој нуди креативни работилници кои што вклучуваат музикотерапија, како и други воншколски активности за аутистичните деца. Нашиот слоган гласи: „CreActive Learning” бидејќи преку игра, забава и пеење ќе влијаеме на повеќе развојни проблеми истовремено кај овие деца, од доменот на нивното сензомоторно, когнитивно, емоционално и социјално функционирање. Нашиот проект се залага за тоа дека и овие деца заслужуваат да имаат креативно и активно детство, притоа ефикасно развивајќи ги нивните индивидуални и потенцијални цели.

    12. Paper embroidery 

    Идејата е да се одржуваат креативни работилници за везење на хартија, со што затвореничките од женското одделение во КП Идризово, малолетниците од воспитно-поправниот дом во Велес и во Охрид ќе го пополнуваат своето слободно време со креативни и продуктивни активности и каде што ќе стекнат одредена вештина за работа од која може да стекнат бројни бенефити. Постои Национална стратегија за развој на пенитенцијарниот систем (2015-2019) во кој овој проект може да биде вклучен и разработен. Работилниците за креативно изразување би се одржувале неколку пати неделно во зависност од големината на групите. На почетокот ќе биде одржана обука, а подоцна изработените дела ќе бидат изложени на изложба за продажба. Со изложбата би се отворил и онлајн-шоп за продажба на делата и картичките како на домашниот така и на светскиот пазар.

  • Запознајте ги финалистите- дел 3

    7. Слушни слика 

    Денеска во светот живеат над 285 милиони лица кои имаат трајно оштетен вид или се целосно слепи. Сите знаеме дека овој медицински проблем е речиси неизлечлив, а и во оние ситуации каде има шанси за подобрување, кои се релативно мали, давачките се огромни.
    Сепак живееме во едно време на технолошки бум каде придобвиките од технологијата ги вклучуваме за секојдневните активности. Поради тоа ние решивме нашиот производ да ги олесни секојдневните активности на оваа социјално загрозена категорија, односно слепите лица.
    Нашиот производ претставува очила кои ќе ги препознаваат објектите кои се наоѓаат во непосредна близина на слепото лице, и ќе го калкулираат растојанието помеѓу објектот и корисникот. Сето ова ќе биде аудио поддржано, односно преку слушалки, корисникот ќе биде известуван за објектите во неговата непосредна близина. Самиот производ е замислено да биде по релативно ниска цена, достапна за секој.

    8.One can make it work

    Поради социјалната положба креирана од концептот на традиционално семјество, во Македонија се креира проблем при рекреирање на животот одново за оние родители кои остануваат сами. Без разлика дали по несреќен случај или развод, идејата за одновно градење на себе си и нормалноста во секојдневиот живот е станата туѓа и далечна. Зависејќи од финансисктие тешкоити со кои сите се соочуваме, ние се обидуваме да изјнадеме решение преку креирање на датабаза со сите потребни информации за самохраните родители, препознавајќи ги нивните квалитети и надградувајќи ги истите со цел да можат да пронајдат работа. Борбеноста се јавува во моменти кога ни е најтешко, затоа тие треба да знаат дека има кој да ги поддржи. Еден може да успее (One can make it work), само ако некој го насочи и подбутне во немирните времиња.

    9. Crowder

    Секојдневно се соочуваме со многу проблеми и предизвици, кои зависат од нас, граѓаните, бидејќи живееме во општество. Најголемиот дел се должат на недостиг на податоци (трансформирани во информации) или пак човечки ресурси кои се потребни за спроведување на собирање на истите. Пронајдовме решение за тоа. Crowder е платформа за собирање на податоци од граѓаните за граѓаните (crowdsourcing). Оваа платформа ќе го собере и искористи потенцијалот кој секој од нас го има во својот џеб. Со помош на различни сензори кои секој паметен телефон ги има и ентузијазмот на луѓето ќе се обидеме да допринесеме до решавање на некои, можеби не најголемите, но најважни проблеми како што се мапирање на дрвјата и заштита на зелените површини во градовите за намалување на загаденоста, детекција на погрешно паркирани возила или застој во сообраќај, обид за внесување ред во сообраќаниот неред кога станува збор за паркинг места, пријавување на дупки на патиштата, велосипедските и пешачките патеки, како и можност компании или индивидуалци на кои им е потребна поголема група за одредена задача/проблем, решението да го најдат токму на оваа платформа. Истата ќе понуди доза на натпревар и социјализација меѓу граѓаните, истовремено носејќи им одредени економски придобивки, а на крајот на денот, решавање на секојдневните проблеми со кои се сретнуваме и едно малку поинакво секојдневие. Организирано и информирано.

  • Запознајте ги финалистите- дел 2

    4. Фрешис

     

    Фрешис (Freshys) e прв ресторан за здрава храна со социјален бизнис модел во Македонија, кој 34% од профитот го донира во општествени цели. Основна цел е редовното донирање храна за бездомни лица и постојаниот попуст за студенти, а во иднина и вклучувањето на маргинализираните категории на граѓани во соработничката мрежа на ресторанот.

    Со досегашната работа е донирана храна во вредност од преку 35.000 денари.

    5. ABLE

     

    АBLE значи да се биде способен, да се биде во можност, а тоа и се труди да пренесе нашата платформа – секој човек е самоодржлив систем. Во таа насока, нашата платформа поддржува домашно производство на козметика, поттикнува млади дизајнери да размислуваат во насока на еколошки подобен продукт дизајн и се труди да пласира информации кои ги смета за животозначни. Конечно, ABLE би претставувало една заедница која е сочинета од млади свесни луѓе кои навистина се грижат за себе – својот изглед и своето здравје, и истовремено се грижат, стануваат свесни и шират свесност за животната средина.

     

    6. Зелени покриви 

     

    Нашата идеја е да го раззелениме Скопје. Благодарение на урбанизмот кој сѐ повеќе зазема простор во Скопје, останаа премалку паркчиња во кои што може дечиња или домашни миленичиња да си потрчаат. Токму поради тоа ние развиме концепт за покривна градина, која што ќе им користи на сите и ќе го оплемени Скопје со повеќе зелени површини. Ќе помогне при намалување на загаденоста на воздухот, ќе ги ублажи високите температурни разлики и ќе служи како еден вид на заштита при обилни дождови преку нивно апсорбирање. Се надеваме дека преку овој проект ќе успееме да го направиме Скопје подобро место за живеење за сите нас!

  • Запознајте ги финалистите- дел 1

     

     

    1. Чиста филантропија 

    Расфрлана облека покрај контејнерите која никогаш нема да стаса никој да ја носи,  израсната зимска јакна кој може да стопли некој на кој вистински му студи, бебешка облека кое некое детуле чека да ја облече…Ние имаме предлог како да си помогнеме едни на други. Ние имаме решение како да ги мотивираме нашите сограѓани да донираат облека лесно и едноставно. „ЧИСТА ФИЛАНТРОПИЈА“ е проект осмислен од Здружението за социјални иновации „АРНО“ кој ќе се спроведува во соработка со јавната пералница „Laundry Cafe Services“  и ќе го мотивира бизнис секторот да биде општествено одговорен. Нашата идеја e:  1. Граѓаните да ги носат своите донации на облека  во „Laundry Cafe“ (локација во центарот на градот) 2. „Laundry Cafe“ да се погрижи тие да бидат испрани и испеглани 3. „АРНО“ да ги достави донациите на достоинствен начин до оние на кои најмногу им требаат. 4. Бизнис секторот да го поддржи ова филантропско партнерство-да се формира платформа на општествено одговорни бизниси кои ќе даваат попусти за секоја донација, ќе плаќаат членство, донираат детергенти, омекнувачи и слично. Преку „Чиста филантропија“, освен обезбедување на насмевка кај граѓаните на кои им се вистински потребни овие донации, ние:  намалуваме отпад од облека, промoвираме рециклирање и вршиме подобрување на локалната економија преку поддржување на нови старт-ап бизниси кои се општествено одговорни.

    2. СЛАМАХЕР

    „Сламахер” нуди услуги од областа на одржливата партиципативна архитектура според принципите на пасивниот соларен дизајн за изградба на енергетски ефикасни домови од сламени бали по достапни цени. Проектот претставува сеопфатен пакет на услуги, почнувајќи од идејно решение, архитектонски проект, организација на изградбата, па до практични обуки и работилници за оспособување на припадниците на локалните заедници, каде што ќе се изведуваат објектите и од каде што ќе се набавуваат сламените бали како основен градежен материјал. На тој начин се поткрепува економското и општественото зацврстување на локалните заедници, доквалификацијата и стекнувањето нови вештини за невработените лица, вработувањето во градежништвото, како и приходи за локалните земјоделски стопанства. Како резултат ќе се олесни вдомувањето со значително помал трошок, ќе се обезбедат домови изградени од природни материјали, кои нудат здрави услови за живот и ќе се намали еколошки отпечаток при изградбата и одржувањето на домовите од сламени бали.

    3. TheBestie 

    TheBestie е социјален бизнис концепт креиран од две сестри кои им се восхитуваат на семејните вредности и сакаат да допринесат  за развој на идни здрави гeнерации. Се работи за процес кој ќе обезбеди достапност на здрава органска храна за деца од основни училишта и градинки. Нашата цел е да создадеме навика за здрава исхрана кај најмладите преку креирање на разновидно мени кое ќе биде привлечно за детскиот вкус, а сепак ќе ги содржи сите хранливи состојки за квалитетно растење и учење. Храната ќе се готви во училишните кујни а од друга страна, сите намирници ќе бидат произведувани во чисти еколошки услови од страна на жители на економско неразвиени средини. Сето ова резултира со здрави деца, безгрижни родители, развој на руралните средини и искористување на природните ресурси во земјава кои и покрај тоа што ги има во изобилство, сме дозволиле да останат неискористени и да увезуваме храна од непознато потекло. Ти си се она што јадеш а TheBestie нуди избор за здрава иднина!

  • „Часови за готвење“ за промоција на социјално претприемништво

    Здружението за социјални иновации „АРНО“ денес го промовираше почетокот на иницијативата „Часови за готвење“ која се спроведува во соработка со средното училиште за угостителство и туризам СУГС „Лазар Танев“ и реномирани готвачи. Оваа иницијатива беше една од минатогодишните победнички идеи на нашата Награда за социјално претприемништво – Social Impact Award 2015.
    Во текот на месец мај, учесниците ќе имаат шанса да научат сами да приготват пад таи, пржен сладолед, модерен таратор, овошна баклава, шкотски стек и други специјалитети со инструкции од готвачите кои волонтерски се приклучија во проектот: Марк де Јонг, Никола Мишковски (ресторан „Камник“), Маре Јаневска (Британска амбасада), Лимонка Арсовска (професор во СУГС „Лазар Танев“), Ацо Божиновски (ресторан „Ла Тераца“) и Филип Поповски (#ГотвимесоФичо). Часовите ќе се одржуваат во опремените простории на училиштето , каде секој самостојно ќе ги подготвува рецептите од часот.
    За да стекнат нови кулинарски вештини, заинтересираните ќе можат да купат ваучери преку платформата Брејнстер. Со секој купен ваучер учесниците добиваат брендирана престилка и дрвена лажица, намирници потребни за подготовка на јадењата, час од 90+ минути исполнет со дружење и забава, инструкции од искусни гастро-шефови и помош од учениците-готвачи, и секако, можност да го споделат или понесат со себе јадењето кое сами го приготвиле. Општествено одговорните компании, секој мал, среден или голем бизнис, кои сакаат да им понудат забава и тим-билдинг активност на своите вработени ќе може да откупат посебен час за нив.
    На часовите за готвење, за продажба ќе бидат изложени и неколку кујнски престилки изработени од учениците на средното текстилно училиште „Кочо Рацин“ и кујнски даски доработени од страна на учениците од СУГС „Георги Димитров“. Сите остварени средства од иницијативата ќе бидат реинвестирани во учениците преку испорака на обуки за подобрување на нивната мотивација и вештини потребни за пазарот на труд.
    „Часовите за готвење денес се вистинска потреба. Ако некогаш учевме од своите мајки и баби без конкретни рецепти, сега имаме шанса да учиме од професионалци, да експериментираме и да истражуваме кујни итн. Ова е пилот-иницијатива на „АРНО“ со која го тестираме пазарот, интересот на граѓаните и пробуваме да промовираме социјално претприемништво како наш одговор за намалување на младинска невработеност. Доколку има општествено одговорна компанија која сака да не’ поддржи, да обезбеди намирници за готвењето и слично-отворени сме за соработка. Остварениот профит од продажбата на часовите ќе биде реинвестиран за обуки за подобрување на вештините на учениците и нивна мотивација. “ изјави координаторката Ирина Јаневска.
    Антонио Ѓорѓиевски (асистент во проектот coolinari.mk) сподели: „Ова е одлична иницијатива затоа што навистина е cool да си coolinar. Јас бев ученик –готвач и сум дел од првата генерација на coolinari. Со претходниот проект сфатив дека можам многу да напредувам, се вработив во неколку ресторани, а сега сум асистент на овој проект затоа што сакам да ги мотивирам учениците од училиштето- да им ја раскажам мојата приказна, а сакам и да ги запознаам познатите готвачи, да учам трикови и совети лично од нив.“
    „Часови за готвење- Coolinari 2.0“ е своевидно продолжение на проектот „Младинска професионална кујна нови технологии за социјален бизнис“ дизајнирано да рефлектира највисоки социјално-претприемнички вредности. Часовите за готвење се дизајнирани согласно претприемачки стандарди и имаат за цел да генерираат профит преку овој иновативен концепт. Остварената добивка се ре-инвестира во мисијата на проектот-надградување на знаењата и вештините на учениците готвачи од училиштето (обуки за нивно користење на модерни технологи за себе-промоција, пишување CV, обуки за мотивација и сл). Проектот е пример на успешно партнерство и е платформа во која сите вклучени страни имаат бенефит: училиштето добива промоција и го подобрува својот углед, учениците добиваат вештини од реномирани готвачи и обуки за подобрување на знаења и користење на модерни технологии, рестораните и готвачите добиваат промоција и референца за својата општествена одговорност итн. „Часови за готвење- Coolinari 2.0“ се спроведува со паричната награда од Social Impact Award, благодарение на препознаениот потенцијал и оригинален концепт за кој АРНО ја доби втората награда од жирито.

  • Рокот за пријавување за нагрaдата истекува на 27ми април

    Драги студенти и студентки,

    ако имате идеја:

    • Која решава некаков општествен проблем;
    • Носи вредност за специфични групи во општеството;
    • Користи иновативни методи и средства;
    • Која е реална и остварлива и
    • Има за цел да смени делови од општеството преку бизнис модели,

    тогаш вие сте вистинските кандидати за Наградата за социјално претприемништво.

    Ве потсетуваме дека рокот за пријавување на вашите  идеи  за социјален бизнис истекува на 27ми април.

    Ги очекуваме вашите идеи тука.

    Срдечно,

    Марија Матовска

    координаторка на Наградата

    П.С. Следете не’ преку #SIA2016 #StudentsInMK

  • Наградата за социјално претприемништво патува низ Македонија

    Почнувајќи од 5 – ти април (вторник) тимот на Наградата за социјално претприемништво, ќе патува низ Македонија. Шест работилници на тема генерирање на бизнис идеи ќе се случат во Тетово, Битола, Охрид и Штип. Во рамките на овие работилници, младите и студентите ќе  имаат можност подлабоко да навлезат во терминологијата и суштината на социјалното претприемништво. Младите примарно ќе ги идентификуваат проблемите во својата локална заедница, а потоа  ќе дадат идејни решенија за истите. Работилниците ќе бидат под водство на Марија Матовска, координаторка на Наградата за социјално претприемништво Македонија. На работилниците ќе присуствуваат гости кои се засегнати од проблематиката на социјалното претприемништво и кои ќе се обидат на младите луѓе да им објаснат како се креираат идеи и како се стигнува до нивна реализација.

    Oва е можност за сите млади луѓе да бидат чекор поблиску до креирање на својот социјален бизнис, а со тоа да ја земат иднината во свои раце и да го направат ова општество подобро место за живеење.

    Распоредот на работилниците е следен:

    1. 05.04 (вторник) – 13 часот Универзитет на Југоисточна Европа – Тетово

    2. 06.04 (среда)-  11 часот на ФИКТ/ Биотехнички факултет и 14 часот во Кредо центар – Битола

    3. 07.04 (четврток)- 11 часот на Факултетот за угостителство и туризам и 17 часот на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид

    4. 11.04 (понеделник)- 12 часот на Економскиот факулет – Штип

    5. 15.04 (петок)- 10:30 часот на Меѓународниот универзитет Визион- Гостивар.

    Работилницте се бесплатни, а пријавувањето може да го направите тука.

    Ве очекуваме!

    Следете не и преку: #StudentsInMK #SIA2016

    Тимот на наградата за социјално претприемништво

  • Взаемната соработка- клучот за успешни програми за сите студенти и студентки

    Еден од факторите  на успехот  на Наградата за социјално претприемништво, во организација на Младиинфо Интернационал, лежи во добрата соработка со многу различни партнери и поддржувачи.

    Денес, 10.03.2016 година,  официјално беше потпишан меморандум за соработка и  разбирање со Меѓународниот универзитет Визион-Гостивар.

    Меѓународниот универзитет Визион- Гостивар располага со пет различни факултети: Правен факултет, Економски факултет, Архитектонски факултет, Факултет за информатика и Факултет за општествени науки во чии рамки е студиската програма за психолошко советување и усмерување. Универзитетот е акредитиран на трите јазици: македонски, англиски и турски, за сите факултети.

    Визион важи за мултикултурна и динамична интегрирана средина, и цели кон креирање на нова визија за високото образование.

    Тимот на Нагрдата и Младиинфо Интернационал ја поздравува оваа соработка и се радува на истата.

    Во иднина следуваат уште повеќе заеднички иницијативи.

     

    Потпишан меморандум за соработка меѓу Младиинфо и Визион

     

     

     

  • Работилница за генерирање на идеи

    Вторта  работилница на тема генерирање на бизнис идеи ќе се случи на 09.03.2016 (среда) година во Хаб Скопје, со почеток во 12 часот. Во рамките на оваа работилница, младите и студентите имаат можност подлабоко да навлезат во терминологијата и суштината на социјалното претприемништво. Младите примарно ќе бидат во можност да ги идентификуваат проблемите во својата локална заедница, а потоа и да дадат идејни решенија за истите. Работилницата ќе биде под водство на Марија Матовска, координаторка на Наградата за социјално претприемништво Македонија и Андријана Тасевска, организациски развој, UNNIX, Скопје. Гостин на работилницата ќе  биде Љубомир Стојчески, основач на Фрешис.

    Oва е можност за сите млади луѓе да бидат чекор поблиску до креирање на својот социјален бизнис, а со тоа да ја земат иднината во свои раце и да го направат ова општество подобро место за живеење.

    Местата се ограничени. Резервирајте го вашето место тука.

    Ве очекуваме!

    Следете не и преку: #StudentsInMK #SIA2016

    Тимот на наградата за социјално претприемништво

Page 1 of 212