• Запознајте ги финалистите- дел 2

    4. Фрешис

     

    Фрешис (Freshys) e прв ресторан за здрава храна со социјален бизнис модел во Македонија, кој 34% од профитот го донира во општествени цели. Основна цел е редовното донирање храна за бездомни лица и постојаниот попуст за студенти, а во иднина и вклучувањето на маргинализираните категории на граѓани во соработничката мрежа на ресторанот.

    Со досегашната работа е донирана храна во вредност од преку 35.000 денари.

    5. ABLE

     

    АBLE значи да се биде способен, да се биде во можност, а тоа и се труди да пренесе нашата платформа – секој човек е самоодржлив систем. Во таа насока, нашата платформа поддржува домашно производство на козметика, поттикнува млади дизајнери да размислуваат во насока на еколошки подобен продукт дизајн и се труди да пласира информации кои ги смета за животозначни. Конечно, ABLE би претставувало една заедница која е сочинета од млади свесни луѓе кои навистина се грижат за себе – својот изглед и своето здравје, и истовремено се грижат, стануваат свесни и шират свесност за животната средина.

     

    6. Зелени покриви 

     

    Нашата идеја е да го раззелениме Скопје. Благодарение на урбанизмот кој сѐ повеќе зазема простор во Скопје, останаа премалку паркчиња во кои што може дечиња или домашни миленичиња да си потрчаат. Токму поради тоа ние развиме концепт за покривна градина, која што ќе им користи на сите и ќе го оплемени Скопје со повеќе зелени површини. Ќе помогне при намалување на загаденоста на воздухот, ќе ги ублажи високите температурни разлики и ќе служи како еден вид на заштита при обилни дождови преку нивно апсорбирање. Се надеваме дека преку овој проект ќе успееме да го направиме Скопје подобро место за живеење за сите нас!

  • Работилница за генерирање на идеи

    Вторта  работилница на тема генерирање на бизнис идеи ќе се случи на 09.03.2016 (среда) година во Хаб Скопје, со почеток во 12 часот. Во рамките на оваа работилница, младите и студентите имаат можност подлабоко да навлезат во терминологијата и суштината на социјалното претприемништво. Младите примарно ќе бидат во можност да ги идентификуваат проблемите во својата локална заедница, а потоа и да дадат идејни решенија за истите. Работилницата ќе биде под водство на Марија Матовска, координаторка на Наградата за социјално претприемништво Македонија и Андријана Тасевска, организациски развој, UNNIX, Скопје. Гостин на работилницата ќе  биде Љубомир Стојчески, основач на Фрешис.

    Oва е можност за сите млади луѓе да бидат чекор поблиску до креирање на својот социјален бизнис, а со тоа да ја земат иднината во свои раце и да го направат ова општество подобро место за живеење.

    Местата се ограничени. Резервирајте го вашето место тука.

    Ве очекуваме!

    Следете не и преку: #StudentsInMK #SIA2016

    Тимот на наградата за социјално претприемништво

  • Формирано жирито за наградата за социјално претприемништво 2016 година

    По затворање на конкурсот за најдобра и најиновативна идеја за социјален бизнис, стручното жири ќе одбере најдобри 10 идеи кои ќе поминат низ процес на инкубација во ХАБ Скопје. По завршување на овој дел од програмата, во септември ќе бидат избрани најдобрите 3 решенија кои ќе добијат парична награда и можност за состанок со другите социјални претприемачи ширум Европа, во Виена.

    Жирито за 2016 година е составено од:

    Климентина Илијевски – Извршен директор на асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ и главен и одговорен уредник на уличното списание „Лице в лице“

    Филип Ивановски – Извршен директор на Пакомак

    Викторија Јовановска – Директор на Сектор Управување со физички лица, Шпаркасе банка Македонија

    Елена Богданова – Директор на Сектор Управување со корпоративни клиенти, Шпаркасе банка Македонија

    Катерина Стојановска – Основач на компанијата EmbedSocial, менаџер на департманот за развој на производи

    M-р Грозданов Благоја – Менаџер, консултант и главен обучувач во Конто Профит

    Д-р Димитар Јовевски – Доц. професор на Економскиот факултет- Скопје, при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје

    Илир Идризи – Извршен директор на фондацијата Даути

    Никица Кусиникова – Извршна директорка на здружението Конект

    Нина Ангеловска – Извршен директор и ко-основач на првиот македонски веб сајт за групни попусти, Grouper.mk

    Антоанета Иванова – Претседател и ко- основач на Младиинфо Интернационал

    Весна Кардалевска – Mенаџер за Програма за развој и процеси, CEED Macedonia

    Повеќе информации за членовите на жирито можете да најдете тука.

    Следете не на: #SiA2016 и #StudentsInMK

  • Работилница за Бизнис Модели

    Во рамките на наградата за социјално претприемништво предвидено е спроведување на серија работилници кои имаат за цел да им помогнат на студентите во формирање и развивање на сопствената идеја за социјален бизнис. Првата работилница на тема бизнис модели ќе се случи на 18.02.2016 (четврток) година во Хаб Скопје, со почеток во 12 часот. Работилницата за бизнис модели е прилика за учесниците да се запознаат со различни видови на иновативни бизнис модели коишто може да се применат во социјалното претприемништво. Истовремено, во рамките на оваа работилница, учесниците имаат можност да го аплицираат своето веќе стекнато знаење и понатаму да ја развиваат својата идеја.
    Работилницата ќе биде спроведена од Јакоб Детеринг, координатор на наградата за социјално претприемништво на ниво на Европа, Марија Матовска, координаторка на наградата во Македонија и Андријана Тасевска,организациски развој, UNNIX, Скопје.

    Учесниците на оваа работилница ќе имаат можност, исто така, да ја слушнат приказната на Јакоб за развојот на неговиот личен социјален бизнис во Романија.

    Работилницата ќе биде на англиски јазик.

    Местата се ограничени. Резервирајте го вашето место тука.

    Ве очекуваме!

    Следете не и преку: #StudentsInMK #SIA2016

    Тимот на наградата за социјално претприемништво