• Запознајте ги финалистите- дел 2

    4. Фрешис

     

    Фрешис (Freshys) e прв ресторан за здрава храна со социјален бизнис модел во Македонија, кој 34% од профитот го донира во општествени цели. Основна цел е редовното донирање храна за бездомни лица и постојаниот попуст за студенти, а во иднина и вклучувањето на маргинализираните категории на граѓани во соработничката мрежа на ресторанот.

    Со досегашната работа е донирана храна во вредност од преку 35.000 денари.

    5. ABLE

     

    АBLE значи да се биде способен, да се биде во можност, а тоа и се труди да пренесе нашата платформа – секој човек е самоодржлив систем. Во таа насока, нашата платформа поддржува домашно производство на козметика, поттикнува млади дизајнери да размислуваат во насока на еколошки подобен продукт дизајн и се труди да пласира информации кои ги смета за животозначни. Конечно, ABLE би претставувало една заедница која е сочинета од млади свесни луѓе кои навистина се грижат за себе – својот изглед и своето здравје, и истовремено се грижат, стануваат свесни и шират свесност за животната средина.

     

    6. Зелени покриви 

     

    Нашата идеја е да го раззелениме Скопје. Благодарение на урбанизмот кој сѐ повеќе зазема простор во Скопје, останаа премалку паркчиња во кои што може дечиња или домашни миленичиња да си потрчаат. Токму поради тоа ние развиме концепт за покривна градина, која што ќе им користи на сите и ќе го оплемени Скопје со повеќе зелени површини. Ќе помогне при намалување на загаденоста на воздухот, ќе ги ублажи високите температурни разлики и ќе служи како еден вид на заштита при обилни дождови преку нивно апсорбирање. Се надеваме дека преку овој проект ќе успееме да го направиме Скопје подобро место за живеење за сите нас!

  • Запознајте ги финалистите- дел 1

     

     

    1. Чиста филантропија 

    Расфрлана облека покрај контејнерите која никогаш нема да стаса никој да ја носи,  израсната зимска јакна кој може да стопли некој на кој вистински му студи, бебешка облека кое некое детуле чека да ја облече…Ние имаме предлог како да си помогнеме едни на други. Ние имаме решение како да ги мотивираме нашите сограѓани да донираат облека лесно и едноставно. „ЧИСТА ФИЛАНТРОПИЈА“ е проект осмислен од Здружението за социјални иновации „АРНО“ кој ќе се спроведува во соработка со јавната пералница „Laundry Cafe Services“  и ќе го мотивира бизнис секторот да биде општествено одговорен. Нашата идеја e:  1. Граѓаните да ги носат своите донации на облека  во „Laundry Cafe“ (локација во центарот на градот) 2. „Laundry Cafe“ да се погрижи тие да бидат испрани и испеглани 3. „АРНО“ да ги достави донациите на достоинствен начин до оние на кои најмногу им требаат. 4. Бизнис секторот да го поддржи ова филантропско партнерство-да се формира платформа на општествено одговорни бизниси кои ќе даваат попусти за секоја донација, ќе плаќаат членство, донираат детергенти, омекнувачи и слично. Преку „Чиста филантропија“, освен обезбедување на насмевка кај граѓаните на кои им се вистински потребни овие донации, ние:  намалуваме отпад од облека, промoвираме рециклирање и вршиме подобрување на локалната економија преку поддржување на нови старт-ап бизниси кои се општествено одговорни.

    2. СЛАМАХЕР

    „Сламахер” нуди услуги од областа на одржливата партиципативна архитектура според принципите на пасивниот соларен дизајн за изградба на енергетски ефикасни домови од сламени бали по достапни цени. Проектот претставува сеопфатен пакет на услуги, почнувајќи од идејно решение, архитектонски проект, организација на изградбата, па до практични обуки и работилници за оспособување на припадниците на локалните заедници, каде што ќе се изведуваат објектите и од каде што ќе се набавуваат сламените бали како основен градежен материјал. На тој начин се поткрепува економското и општественото зацврстување на локалните заедници, доквалификацијата и стекнувањето нови вештини за невработените лица, вработувањето во градежништвото, како и приходи за локалните земјоделски стопанства. Како резултат ќе се олесни вдомувањето со значително помал трошок, ќе се обезбедат домови изградени од природни материјали, кои нудат здрави услови за живот и ќе се намали еколошки отпечаток при изградбата и одржувањето на домовите од сламени бали.

    3. TheBestie 

    TheBestie е социјален бизнис концепт креиран од две сестри кои им се восхитуваат на семејните вредности и сакаат да допринесат  за развој на идни здрави гeнерации. Се работи за процес кој ќе обезбеди достапност на здрава органска храна за деца од основни училишта и градинки. Нашата цел е да создадеме навика за здрава исхрана кај најмладите преку креирање на разновидно мени кое ќе биде привлечно за детскиот вкус, а сепак ќе ги содржи сите хранливи состојки за квалитетно растење и учење. Храната ќе се готви во училишните кујни а од друга страна, сите намирници ќе бидат произведувани во чисти еколошки услови од страна на жители на економско неразвиени средини. Сето ова резултира со здрави деца, безгрижни родители, развој на руралните средини и искористување на природните ресурси во земјава кои и покрај тоа што ги има во изобилство, сме дозволиле да останат неискористени и да увезуваме храна од непознато потекло. Ти си се она што јадеш а TheBestie нуди избор за здрава иднина!