• „Часови за готвење“ за промоција на социјално претприемништво

    Здружението за социјални иновации „АРНО“ денес го промовираше почетокот на иницијативата „Часови за готвење“ која се спроведува во соработка со средното училиште за угостителство и туризам СУГС „Лазар Танев“ и реномирани готвачи. Оваа иницијатива беше една од минатогодишните победнички идеи на нашата Награда за социјално претприемништво – Social Impact Award 2015.
    Во текот на месец мај, учесниците ќе имаат шанса да научат сами да приготват пад таи, пржен сладолед, модерен таратор, овошна баклава, шкотски стек и други специјалитети со инструкции од готвачите кои волонтерски се приклучија во проектот: Марк де Јонг, Никола Мишковски (ресторан „Камник“), Маре Јаневска (Британска амбасада), Лимонка Арсовска (професор во СУГС „Лазар Танев“), Ацо Божиновски (ресторан „Ла Тераца“) и Филип Поповски (#ГотвимесоФичо). Часовите ќе се одржуваат во опремените простории на училиштето , каде секој самостојно ќе ги подготвува рецептите од часот.
    За да стекнат нови кулинарски вештини, заинтересираните ќе можат да купат ваучери преку платформата Брејнстер. Со секој купен ваучер учесниците добиваат брендирана престилка и дрвена лажица, намирници потребни за подготовка на јадењата, час од 90+ минути исполнет со дружење и забава, инструкции од искусни гастро-шефови и помош од учениците-готвачи, и секако, можност да го споделат или понесат со себе јадењето кое сами го приготвиле. Општествено одговорните компании, секој мал, среден или голем бизнис, кои сакаат да им понудат забава и тим-билдинг активност на своите вработени ќе може да откупат посебен час за нив.
    На часовите за готвење, за продажба ќе бидат изложени и неколку кујнски престилки изработени од учениците на средното текстилно училиште „Кочо Рацин“ и кујнски даски доработени од страна на учениците од СУГС „Георги Димитров“. Сите остварени средства од иницијативата ќе бидат реинвестирани во учениците преку испорака на обуки за подобрување на нивната мотивација и вештини потребни за пазарот на труд.
    „Часовите за готвење денес се вистинска потреба. Ако некогаш учевме од своите мајки и баби без конкретни рецепти, сега имаме шанса да учиме од професионалци, да експериментираме и да истражуваме кујни итн. Ова е пилот-иницијатива на „АРНО“ со која го тестираме пазарот, интересот на граѓаните и пробуваме да промовираме социјално претприемништво како наш одговор за намалување на младинска невработеност. Доколку има општествено одговорна компанија која сака да не’ поддржи, да обезбеди намирници за готвењето и слично-отворени сме за соработка. Остварениот профит од продажбата на часовите ќе биде реинвестиран за обуки за подобрување на вештините на учениците и нивна мотивација. “ изјави координаторката Ирина Јаневска.
    Антонио Ѓорѓиевски (асистент во проектот coolinari.mk) сподели: „Ова е одлична иницијатива затоа што навистина е cool да си coolinar. Јас бев ученик –готвач и сум дел од првата генерација на coolinari. Со претходниот проект сфатив дека можам многу да напредувам, се вработив во неколку ресторани, а сега сум асистент на овој проект затоа што сакам да ги мотивирам учениците од училиштето- да им ја раскажам мојата приказна, а сакам и да ги запознаам познатите готвачи, да учам трикови и совети лично од нив.“
    „Часови за готвење- Coolinari 2.0“ е своевидно продолжение на проектот „Младинска професионална кујна нови технологии за социјален бизнис“ дизајнирано да рефлектира највисоки социјално-претприемнички вредности. Часовите за готвење се дизајнирани согласно претприемачки стандарди и имаат за цел да генерираат профит преку овој иновативен концепт. Остварената добивка се ре-инвестира во мисијата на проектот-надградување на знаењата и вештините на учениците готвачи од училиштето (обуки за нивно користење на модерни технологи за себе-промоција, пишување CV, обуки за мотивација и сл). Проектот е пример на успешно партнерство и е платформа во која сите вклучени страни имаат бенефит: училиштето добива промоција и го подобрува својот углед, учениците добиваат вештини од реномирани готвачи и обуки за подобрување на знаења и користење на модерни технологии, рестораните и готвачите добиваат промоција и референца за својата општествена одговорност итн. „Часови за готвење- Coolinari 2.0“ се спроведува со паричната награда од Social Impact Award, благодарение на препознаениот потенцијал и оригинален концепт за кој АРНО ја доби втората награда од жирито.