• Гласање на публиката

    Наградата за социјално претприемништво е на самиот крај. Во моментов публиката има можност да гласа за своите фаворити на следниов линк. Гласањето трае до 28-ми септември 2016.

    На линкот се достапни видеата на единаесетте тимови кои беа прогласени за финалисти, а во текот на летото добија тренинг за акцелерација на идеите, како и индивидуална менторска поддршка.  Сите кои ќе пристапат на оваа веб страница можат да ги погледнат видеата и да одберат три од единаесетте идеи: Зелени покриви, Музикотерапија, Paper Embroidery, Кинисај, The Bestie, Able, Сламахер, One Can Make It Work, Фрешис, Слушни слика и Чиста филантропија. Победникот на ова гласање ќе добие дополнителна консултантска поддршка од нашиот партнер компанијата Конто – Профит. Покрај наградата од публиката доделена преку ова гласање, стручното жири составено од 12 члена на 29.09.2016 година ќе ги прогласи трите тимови кои ќе добијат парична поддршка од Шпаркасе Банка.

    Следете не и преку: #StudentsInMK #SIA2016 #SIAfinalist

    Со почит,

    Тимот на Наградата за социјално претприемништво

  • Запознајте ги финалистите- дел 4

    10. Кинисаj

    Сакате да патувате, а да стигнете побрзо и тоа да ве чини најмалку два пати поевтино?
    Сакате да ги избегнете турканиците во редовните автобуски линии и да уживате во удобноста на автомобил? Тогаш Кинсај е одлично решение за вас! Кинисај е онлјан сервис кој ви овозможува брзо изнаоѓање на превоз на принципот ride-share при тоа овозможувајќи им и на возачите и на патниците значително да ги намалат патните трошоци и да стекнат многу пријателства и за нив патувањето да стане забавна егзибиција, а не напорна и досадна активност. Кинисај се грижи и за животната околина! Инцирајќи ја идејата за споделување на патување како и тоа да се превезуваме со помалку автомобили, Кинисај значително придонесува за намалувањето на емисијата на штетни гасови во воздухот како и намалување на потошувачката на гориво како значителен ресурс на денешницата. Затоа не чекај. Откачи се од Фејсбук и социјализирај се во кола!

    11. И ние сакаме музика! 

    „И ние сакаме музика! – Музикотерапија за деца од аутистичниот спектар на нарушувања” е проект на Нела Николоска и Нина Исирова, апсолвенти по психологија, кој нуди креативни работилници кои што вклучуваат музикотерапија, како и други воншколски активности за аутистичните деца. Нашиот слоган гласи: „CreActive Learning” бидејќи преку игра, забава и пеење ќе влијаеме на повеќе развојни проблеми истовремено кај овие деца, од доменот на нивното сензомоторно, когнитивно, емоционално и социјално функционирање. Нашиот проект се залага за тоа дека и овие деца заслужуваат да имаат креативно и активно детство, притоа ефикасно развивајќи ги нивните индивидуални и потенцијални цели.

    12. Paper embroidery 

    Идејата е да се одржуваат креативни работилници за везење на хартија, со што затвореничките од женското одделение во КП Идризово, малолетниците од воспитно-поправниот дом во Велес и во Охрид ќе го пополнуваат своето слободно време со креативни и продуктивни активности и каде што ќе стекнат одредена вештина за работа од која може да стекнат бројни бенефити. Постои Национална стратегија за развој на пенитенцијарниот систем (2015-2019) во кој овој проект може да биде вклучен и разработен. Работилниците за креативно изразување би се одржувале неколку пати неделно во зависност од големината на групите. На почетокот ќе биде одржана обука, а подоцна изработените дела ќе бидат изложени на изложба за продажба. Со изложбата би се отворил и онлајн-шоп за продажба на делата и картичките како на домашниот така и на светскиот пазар.

  • Работилница за генерирање на идеи

    Вторта  работилница на тема генерирање на бизнис идеи ќе се случи на 09.03.2016 (среда) година во Хаб Скопје, со почеток во 12 часот. Во рамките на оваа работилница, младите и студентите имаат можност подлабоко да навлезат во терминологијата и суштината на социјалното претприемништво. Младите примарно ќе бидат во можност да ги идентификуваат проблемите во својата локална заедница, а потоа и да дадат идејни решенија за истите. Работилницата ќе биде под водство на Марија Матовска, координаторка на Наградата за социјално претприемништво Македонија и Андријана Тасевска, организациски развој, UNNIX, Скопје. Гостин на работилницата ќе  биде Љубомир Стојчески, основач на Фрешис.

    Oва е можност за сите млади луѓе да бидат чекор поблиску до креирање на својот социјален бизнис, а со тоа да ја земат иднината во свои раце и да го направат ова општество подобро место за живеење.

    Местата се ограничени. Резервирајте го вашето место тука.

    Ве очекуваме!

    Следете не и преку: #StudentsInMK #SIA2016

    Тимот на наградата за социјално претприемништво

  • Објавена агендата за Kick-off настанот 2016

    Натпреварот за наградата за социјално претприемништво започнува наскоро! Настанот, кој ќе се одржи на 16 февруари 2016 година во „Јавна Соба“- Скопје со почеток во 12 часот, ќе се одвива по следниот редослед:

    12:00-12:05 Марија Матовска, проект координаторка, Награда за социјално претприемништво – Македонија

    12:05- 12:20 Антоанета Иванова, претседателка на Младиинфо Интернационал и Јакоб Детеринг, директор на Наградата за социјално претприемништво – Европа

    12:20- 12: 30 Викторија Јовановска, Директор на Сектор Управување со физички лица, Шпаркасе Банка Македонија

    12:30- 13:15 Панел на победниците на наградата за социјално претприемништво 2015:
    — Бојан Георгиевски – Добра земја
    — Ирина Јаневска – Coolinari.mk
    — Aлександар Димески – Концентрациона соларна електрана
    *Модераторка: Бистра Кумбароска, Импакт хаб Виена/Хаб Скопје

    13:15- ….. Кафе дружење

    Ве очекуваме сите на дружење и споделување на искуства и идеи!

    Следете не и преку: #StudentsInMK #SIA2016

    Тимот на Наградата за социјално претприемништво 2016

  • Во Скопје и Тетово оддржани првите работилници за бизнис план и идеи

    Една од целите на Наградата за социјалното претприемништво е да им овозможи на младите знаење и пракса за социјалното претприемништво. Во склоп на тоа, сите млади и студенти заинтересирани да ги прошират своите познавања во темата, како и да ги разработат и консултираат своите бизнис идеи, имаа можност да присуствуваат на првиот серијал работилници предвиден во едукативниот дел од програмата.

    20150204_123014

    Во периодот од 4-ти до 6-ти февруари беа оддржани 2 работилници во Скопје на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство – ФИНКИ и Економскиот факултет при УКИМ, и 1 работилница во Тетово на Југоисточниот Европски Универзитет.

    20150206_142731

    Во текот на трите дена, околу 100-тина студенти и млади земаа учество во сесиите кои беа под водство на интернационални тренери со експертиза во социјалното претприемништво и тоа: Диего Хетерман – координатор на наградата во Австрија, Бистра Кумбароска – регионален координатор на Impact Hub мрежата во Виена, Душан Јанкович – координатор на наградата во Србија и Антоанета Иванова – координатор на наградата во Македонија.

  • Со Kick Off настанот отворен конкурсот за Наградата за социјално претприемништво 2015

    Македонскиот Kick-Off настан за Наградата за социјално претприемништво 2015 се случи на 27-ми јануари, 2015 во просториите на City Hall – Скопје. Kick-Off настанот е почетен настан кадешто сите заинтересирани млади и студенти имаат прилика да дознаат повеќе детали околу програмата и да добијат увид со каква динамика ќе се развива истата. Наградата за социјално претприемништво се доделува во 10 Европски земји со поддршка на Фондацијата ЕРСТЕ и Impact Hub Vienna. Годинава за прв пат се организира и во Македонија од страна на Младиинфо Интернационал, поддржана од Шпаркасе Банка Македонија и во партнерство со Њу Менс Бизнис Акцелераторот во Скопје. 

    Спикери на Kick-Off настанот беа: Антоанета Иванова – координатор на наградата во Македонија, Чезар Ниега – директор на Наградата за социјално претприемништво, Ирена Чаушевска – извршен директор и ко-основач на Њуманс бизнис акселераторот, Ивана Макенаџиева – Маркетинг и комуникации на Шпаркасе Банка Македонија и Бистра Кумбароска – регионален координатор на Impact Hub мрежата во Виена.

    IMG_5814

    “Веруваме дека преку конкурсот за Наградата за социјално претприемништво ќе им дадеме можност на младите и студентите од земјата да понудат идеи и решенија во оваа сфера а воедно и ќе ги поттикнеме да почнат да размислуваат за создавање на сопствени социјални бизниси“, изјави Антоанета Иванова, координатор на наградата и коосновач на Младиинфо Интернационал.

    IMG_5821

    “Наградата за социјално претприемништво ( Social Impact Award ) за прв пат почна како проект  во 2009-та година во Австрија, како обид да се доближи и инспирира младата популација за креирање бизнис идеи со социјално влијание. Денес тоа го правиме во 10 различни земји и сум горд што и Македонија е дел од нашето семејство. Нашите партнери од Impact HUB мрежата, фондацијата Ерсте и Виенскиот Универзитет за Бизнис администрација се особено фокусирани на поддшката и развојот во регионот на Централна и Источна Европа и навистина е изненадувачки колкав потенцијал за нови развојни форми на бизниси постојат скриени во младите умови на овој регион“, изјави Чезар Неага, проектен менаџер и иницијатор на Social Impact Award Europe.

    IMG_5853

    ‘‘Наградата за социјално претприемништво за Шпаркасе Банка претставува уште еден начин на изразување на нашата поддршка за младите талентирани луѓе. Преку овој проект, тие имаат одлична можност да ги претстават своите бизнис идеи и иновативни решенија кои имаат социјално влијание и  кои долгорочно гледано можат да им овозможат отворање на сопствени  бизниси. Особено ми е драго што проектот почнува со реализација и во Македонија и што нашата Банка и Ерсте фондацијата ќе бидат долгорочни парнтери на овој амбициозен проект наменет за младите кои им нуди можност сами да ја креираат својата професионална иднина и да станат дел од Европската мрежа на млади иноватори ‘‘, рече Ивана Макенаџиева од Службата Маркетинг и комуникации на Шпаркасе Банка Македонија.

    За најдобрите три  (3) решенија во областа на социјалните бизниси Шпаркасе Банка Македонија обезбеди парични награди во висина од 3.000 евра, 2.000 евра и 1.000 евра. Покрај наградите, најдобрите тимови ќе добијат и бесплатно патување во Виена, три месеци период на инкубација со менторство и поддршка во развивање на идејата. Конкурсот за Наградата во Македонија ќе биде отворен во периодот февруари-април 2015-та година.

    Повеќе информации за настанот